Анкета - Меѓусебните недоразбирања учениците ги решаваат со физичко насилство

  • 5 months ago
Анкета: Меѓусебните недоразбирања учениците ги решаваат со физичко насилство
Насилството е секојдневие во училиштата. Речиси секој втор ученик од основно или средно, смета дека е сосема во ред да удри или да биде удрен од свој врсник. Ова го покажуваат резултатите од истражување на младинската организација, СЕГА. Дека насилството е присутно во школите, сведочат и самите ученици. Мила и Јана, велат насилството е поизразено во основно. Денес како средношколци, место за насилство гледаат во социјалните мрежи.

„Има разни форми на насилство. Физичкото е нешто на што јас најмногу сум бил сведок на тоа во основните училишта. Во средните, е покрената свеста кај учениците, сметам дека физичкото насилство е поретка појава, но, вербалното насилство, дискриминацијата се многу позастапени“, изјави Јана Николовска СУГС „Орце Николов“.

„Постои насилството, не може да се каже дека не постои. Има случаи на физичко насилство на кои сме биле сведоци, но кај нас, нели не“, изјави Мила Иганотска, ученик во СУГС „Ѓорѓи Димитров“.

Анкетата била спроведена оваа школска година во 26 основни и средни училишта. Освен ученици, со истражувањето биле опфатени и родители, наставници, директори. Според одговорите на повеќе од 800 анкетирани ученици, дури 36 отсто рекле дека споровите со своите соученици ги решаваат со физичко насилство.

„14 отсто од учениците, минатиот месец, еднаш биле, жртва на насилство, а скоро 10 проценти во текот на изминатиот месец, морале да применат насилство. Овие два факти покажуваат дека внатре во училиштата помеѓу учениците постои и интензивно се случува насилството, зборуваме за врсничкото насилство“, вели Зоран Илиески, Коалиција на младински организации СЕГА.

Резултатите од истражувањето денеска ги слушнаа претставници на училиштата, просветниот инспекторат, заменик народниот правобранител. Податоците ќе служат за спроведување на проектот, „Како до училиште без насилство“ кој на стручните служби и наставниците ќе им помогне да препознаат и спречат насилство меѓу учениците.
Панел дискусијата „Како до училиште без насилство” се организираше во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ кој се спроведува од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“ и СМАРТ АП - Лабораторија За Социјални Иновации, а финансиски е поддржан од Детската фондација Песталоци. Проектот се спроведува во периодот септември 2023 – август 2026 година.

Recommended